Заменици правобранители


Надлежност и постапка


Студентски права и обврски

Стекнување статус на студент
Статусот на студент, а со тоа и член на академската заедница се стекнува со запишувањето на прв, втор и трет циклус на студии на универзитет, односно на самостојна високообразовна установа. Студентите можат да се запишат како редовни студенти финансирани од државата и редовни и вонредни студенти со кофинансирање на студиите. “Партиципација“ е износ на парични средства што го oпределува Владата на Република Македонија, кој се наплатува од студентите запишани на државна високообразовна установа, чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија. Партиципација плаќаат редовните студенти запишани на додипломски студии во т.н. државна квота. “Кофинансирање на студиите” е износ на парични средства за покривање на трошоците за студирање кој, студентот, чие образование не се финансира од Буџетот на Република Македонија, има обврска да го плати на државна високообразовна установа. Кофинансирање плаќаат вонредните студенти, студентите запишани на додипломски студии во т.н. приватна квота, како и студентите од втор и трет циклус на студии.
Престанок на статусот на студент
На студентот му престанува статусот на студент, ако студентот: дипломира; се испише; не запише навреме семестар, а не побарал мирување, како и по истекот на периодот на мирување не запише семестар, освен во случаите на прекин на студиите; е исклучен; не ги заврши студиите во рокот утврден со закон и Статут, како и во други случаи утврдени со закон, Статут, студиската програма и правилата. Статусот на студент може да биде обновен. По обновување на статусот, студентот може да ги продолжи студиите по студиската програма која се применува. Доколку е изменета студиската програма, студентот е должен да ги ислуша, исполни и да ги полага разликите во студиската програма. Студентот ги продолжува студиите со поднесување на трошоците за студирање (кофинансирање).
Губење на статусот на студент во државна квота
Студент запишан со партиципација на трошоците за студирање, го губи статусот на студент запишан во државна квота и ги продолжува студиите со поднесување на трошоците за студирање (кофинансирање) ако:
  • - еден предмет запишува по трет пат;
  • - не положил најмалку 50% од запишаните кредити во одреден семестар до почетокот на наредниот соодветен семестар (зимски, односно летен);
  • - не ги заврши студиите за време кое е за два пати подолго од пропишаното време на траење на студиите;
  • - една иста академска година ја повторува повеќе од еднаш.
Ослободување од плаќање партиципација
Олободени од плаќање партиципација (а не и кофинансирање!) се:
  • - деца без родители,
  • - лица растени во домови за напуштени деца, до 26 годишна возраст доколку се невработени,
  • - лица од прв и втор степен на инвалидност,
  • - воени инвалиди,
  • - припадниците на безбедносните сили на Република Македонија, кои организирано учествувале во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и во спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија, сметано од 1 јануари 2000 година,
  • - децата на загинат или починат припадник на безбедносните сили и децата на воен инвалид од I до VII група (имаат предност при запишување во високо образовни установи без плаќање на партиципација, под услов да исполнат минимум бодови утврдени со Конкурсот за упис).
Право на дополнителни испитни рокови
Студентите на сите степени на високо образование, кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст и хоспитализираните, имаат право на дополнителни испитни рокови за завршно оценување.
Проверка на знаењето
Проверката на знаењето на студентот по наставните предмети се врши континуирано во текот на наставно-образовниот процес и се изразува во поени, додека конечната оценка се утврдува на завршниот испит кој може да се спроведе усно и/или писмено, како и на друг начин утврден во студиската програма. Право да полага испит има само студентот кој ги исполнил сите обврски пропишани со соодветната предметна програма (пр.присуство на определен број на предавања и вежби). Најчесто предметниот наставник со потпишување во индексот на студентот потврдува дека студентот ги исполнил обврските. Не смеат да се изведуваат испити за само еден студент без присуство на други лица (студент, асистент, друг наставник).
Испитни рокови
Испитот по еден наставен предмет може да се полага најмногу три пати (во рамките на зимскиот, есенскиот и летниот испитен рок), од кои третиот пат, по барање на студентот, испитот се изведува пред комисија составена од три члена од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје. Комисијата ја формира деканот, а наставникот кај кого полагал студентот не е член на комисијата. Студент којшто и по трет пат не успеал да го положи испитот или пак воопшто не го полгал испитот е должен во наредната академска година повторно да го запише тој предмет. Кога студентот ќе пријави испит и нема да се јави на испитот, односно не полагал, во пријавата за испит му се впишува не полагал, и не му се засметува во правото на полагање пред комисија
Оценување
За исполнување на обврските за полагање на испитот (по делови или во целина), студентот може да оствари најмногу 100 поени или да добие позитивна оценка, која се изразува до 10 (десет), при што оценката 5 (пет) означува недоволен успех. Наставникот е должен да му го соопшти постигнатиот резултат на усниот испит на студентот веднаш по завршувањето на испитот. Завршното оценување задолжително се запишува во индексот или во некој друг документ и во пријавата за завршно оценување, а се евидентира и во електронското досие на студентот. Наставникот е должен да го оцени испитот на студентот со оценка “5“ кога студентот: неоправндано ја напушта просторијата во која се одржува писмениот дел од испитот или се откажува од веќе започнатата работа; нема да се јави на усниот дел од испитот, по завршувањето на писмениот дел; поради недолично однеесување, попречување на другите студенти или поради користење на недозволиви помагала е отстранет од испит.
Објавување на резултати и право на увид
Оценките кои студентите ги добиле во проверката на нивните знаења се објавуваат на јaвно место (огласна табла), во рок од 7 дена од денот на полагањето на испитот.
Наставниците се должни, по барање на студентот, да обезбедат увид во прегледаниот труд и добиената оцeнка, најдоцна до почетокот на наредниот семестар.
Приговор заради оценка од проверка на знаењето
Студентот има право во рок од 24 часа да поднесе приговор до деканот, ако не е задоволен од завршното оценување, односно од оценката, или ако смета дека испитот не е спроведен во согласност со законот, актите на Универзитетот и на факултетот. Ако деканот утврди дека се исполнети условите, наставникот ќе ја преиспита оценката од завршното оценување. Ако наставникот не ја преиспита оценката што ја утврдил или ја потврди оценката, студентот испитот го полага пред тричлена комисија составена од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје, во наредните 24 часа, наредниот работен ден. Наставникот кај кого полагал студентот не е член на комисијата
Поништување на оценката и повторување на испитот
По барање на студентот му се овозможува да го повтори завршното оценување за повисока завршна оценка по наставен предмет во период од најмногу четири месеца од полагањето. Барањето за повторување мора да биде образложено и се доставува до деканот. Доколку се прифати барањето, деканот со решение ја поништува оценката и таа не се смета за завршна оценка за конкретниот предмет. Оценката добиена на повтореното завршно оценување е конечна и студентот нема право да го повтори завршното оценување.
Напредување на студентот
Студентот стекнува право на запишување нареден семестар ако до рокот на запишувањето уредо ги извршил обврските од студиската програма и ги положил предвидените испити. Редовните студенти во еден семестар запишуваат максимум до 35 ЕКТС-кредити. На особено успешните студенти (со просечен успех од над 8.5) може да им се дозволи запишување на 35 до 40 ЕКТС-кредити со цел побрзо завршување на студиите или пошироко образование. При запишувањето на предметните програми, студентот најпрво ги запишува неположените задолжителни и изборни предмети од тековниот семестар, а потоа задолжителните предмети од тековниот семестар и на крај, изборните предмети од тековниот семестар, но на тој начин што неговите вкупни студиски обврски во еден семестар да не го надминуваат утврдениот број на ЕКТС-кредити. Факултетот во рамките на студиската програма, може да пропише условувачки критериуми, т.е. претходно совладани предмети (освоени кредити), како услов за запишување на наредни предмети.
Мирување на обврските на студентот
На студентот, по негово барање, му мируваат обврските: за време на бременост; на студент со дете до 1 (една) година старост; за време на болест подолга од 1 ( еден) семестар; поради семејни причини; за време на меѓународна размена на студентите во траење подолго од 30 дена во текот на одржување на наставата, доколку со наведената размена не се стекнуваат ЕКТС кредити; за време на подготовка и настапи на спортски настани кога има статус на член на репрезентацијата на Република Македонија; неможност за исполнување финансиските обврски и во други случаи за чија оправданост одлучува деканот, односно лицето овластено од него. Мирувањето на обврските го одобрува деканот или по негово овластување продеканот за настава врз основа на писмено барање на студентот и доставена соодветна документација. Доколку за време на мирување на обврските настанат измени во студиската програма студентот продолжува да студира на изменетата студиска програма и е должен да ги исполни обврските кои што претставуваат разлика помеѓу двете студиски програми. За време на мирување на обврските студентот може да полага испити доколку за полагањето на тие испити ги исполнил условите. Студентот е должен да го активира студирањето во рок од 15 дена по истекување на настапување на причините за мирување.
Продолжување на прекинатите студии
Се смета дека студентот ги прекинал студиите, доколку не запише семестар, заклучно до почетокот на наредниот семестар, иако ги исполнил условите. Доколку за време на прекинот на студиите се измени студиската програма, студентот е должен да ги ислуша, исполни и да ги полага разликите во изменетата студиска програма. За времетарењето на прекинот на студиите студентот не плаќа партиципација, односно кофинансирање. Студентот ги продолжува студиите со поднесување на трошоците за студирање (кофинансирање), доколку прекинот трае 3 и повеќе последователни семестри.
Паралелно студирање
Студент може да студира на две или повеќе студиски програми од прв циклус на студии истовремено (паралелно студирање), на една или повеќе високообразовни установи. Студентот е ослободен од плаќање на трошоците за студирање на втората и секоја наредна студиска програма на која ќе биде запишан доколку:
  • - првата студиска програма ја има успешно завршено на првата академска година и ја завршува секоја наредна академска година со просек на оценките над 9 и
  • - втората и секоја наредна студиска програма на која ќе биде запишан е од научното подрачје на биотехничките, техничко-технолошките или природно- математичките науки со исклучок на студиските програми од научните полиња на воено-техничките науки, сообраќај и транспорт, индустриско инжинерство и менаџмент, контрола на квалитет, животна средина и географија.
За потребите на паралелното студирање, високообразовните установи посебно ги прилагодуваат активностите предвидени со студиските програми. На дадена студиска програма најголемиот број на студенти за паралелно студирање може да биде до десет студенти.
Премин од едни на други студии
Во текот на студиите, студентот може да премине од една на друга студиска програма или од една на друга високообразовна установа, под услови утврдени со студиската програма, односно статутот на високообразовната установа на која студентот преминува. Студентот кој бил запишан на високооброзовна установа која престанала со работа има право да ги продолжи студиите на иста или сродна високообразовна установа под условите утврдени со овој закон и статутот на високообразовната установа на која ги продолжува студиите.
Рок за завршување на студиите
Студентите имаат право да ги завршат започнатите студии според условите и студиската програма на која се запишале, најдолго во времето што е двапати подолго од пропишаното траење на студиите. Доколку по истекот на овој рок студентот не ги заврши студиите, со одлука на факултетот се утврдуваат дополнителните услови и рокот за кој студентот може да ги заврши студиите. Доколку по истекот на рокот настане измена на студиската програма, студентот може да ги продолжи студиите по изменетата студиска програма врз основа на општ акт на Универзитетот и на факултетот. Во овој случај се врши т.н. еквиваленција, односно на студентот му се признаваат испитите кои веќе ги полагал а се предвидени и во старата и во новата студиска програма, предметите кои ги положил, а не се предвидени во новата студиска програма не се признаваат, дополнително, студентот треба ги полага предметите кои се предвидени само во новата студиска програма. Доколку по истекот на рокот студиската програма згасне, студентот може стекнатите кредити за одредени предметни програми да ги пренесе на друга студиска програма и да ги продолжи студиите врз основа на општ акт на Универзитетот и на факултетот.
Основни обврски на студентот
Студентот има обврска да:
  • - ги исполнува задачите пропишани во студиските програми,
  • - ги почитува одредбите од Законот за високо овразование, Статутот на Универзитетот и другите правни акти на внатрешното уредување,
  • - ги применува решенијата на органот на управување, ректорот, односно директорот на самостојната високообразовна установа и
  • - да дејствува во согласност со студентскиот етички кодекс кој го подготвува и одобрува високообразовната установа во согласност со студентското претставување.
Дисциплинска одговорност на студентот
Во случај на извршување на лесни или тешки дисциплински повреди, се спроведува дициплинска постапка за студентот пред надлежната комисија на факулетот. За сторена дисциплинска повреда, на студентот може да му се изрече една од следниве дисциплински мерки: опомена; јавна опомена; исклучување - се применува за учебната година во која е изречена. Доколку дисциплинската повреда е сторена во врска со наставата (предавања, вежби, континуирано и завршно оценување), со изрекувањето на дисциплинската мерка на студентот може да му се забрани полагање колоквиум или испит по соодветниот предмет во наредниот испитен рок. *Подетално за дисциплинската постапка видете во Статутот на Универзитетот од чл.325 до чл.338

Новости


Правни акти


КОНТАКТ:


e-mail: st_pravobranitel@ukim.edu.mk
тел/факс:02/3221350
моб.072 30 20 20
адреса:Бул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр.28/13, Скопје (Палата Кузман)